Chlamydia trachomatis е инфекција предизвикана од истоимената бактерија Chlamydia trachomatis. По начинот на пренесување припаѓа во групата на т.н. сексуално преносливи инфекции. Можат да заболат припадници на двата пола во било која возрасна група, но сепак најзастапена е кај младата женска популација. Може да се пренесе по вагинален, орален и анален сексуален контакт.
Многу често пациентите не се свесни дека се инфицирани од бактеријата поради отсуство на вообиаените симптоми (генитален дискомфорт и исцедок од вагината или пенисот)
Инфекцијата не е тешка за лекување откако ќе биде откриена. Ако не се открие навремено или остане нетретирана, може да доведе до сериозни здравствени проблеми!
Кои се најчести симптоми?
Во раната фаза, симптомите се благи или се отсутни и лесно може да останат неприметени. Вообичаено се појавуваат една или две недели од почетокот инфекцијата. Најчести симптоми се:
- болно мокрење
- болка во пределот на долниот стомак (под папокот)
- вагинален исцедок
- исцедок од пенисот
- болки при сексуален однос кај жените
- крварење во период помеѓу циклусите и после сексуален однос кај жените
- болка во тестисите
Болка во пределот на долниот стомак е еден од симптомите.
Кои се ризик фактори?
- рана сексуална активност
- повеќе сексуални партнери
- претходни сексуално преносливи инфекции
- некористење на кондом
Компликации како последица на инфекција со Chlamydia trachomatis:
1. ПИД (PID – pelvic inflammatory disease)
ПИД / PID е инфекција на женските репродуктивни органи (матката и каналите) која дава за последица изразена стомачна болка во долниот дел од стомакот и температура. Најчесто оваа состојба налага хоспитализација и интравенска антибиотска терапија. ПИД е состојба која може трајно да го оштети гениталниот систем кај жената (матката, каналите, јајниците и цервикалниот канал).
2. Други сексуално преносливи инфекции
Луѓе кои се заразени со Clamydia trachomatis, имаат поголем ризик да заболат од други сексуално преносливи инфекции како гонореја (gonorrhea) и сида (AIDS)
3. Инфекција на простата (prostate gland)
Воспаление на простатата предизвикано од Chlamidia trachomatis (prostatitis) настанува кога бактеријата ќе се прошири во машката жлезда простата. Како последица дава многу непријатни симптоми: болки во тек и после сексуален однос, треска и температура, болно мокрење и болка во крстот.
4. Epididymitis (инфекција во близина на тестисите)
5. Reither’s syndrome (reactive arthritis)
Луѓе заразени од Chlamydia trachomatis имаат висок ризик да заболат од овој синдром, состојба во која се нападнати зглобовите, очите и уретрата (каналот преку кој урината од бешиката се исфрла во надворешна средина).
6. Инфекција кај новороденчиња
Бактеријата може да биде пренесена од мајката на бебето во тек на вагинално (природно) породување. Истата може да предизвика воспаление на белите дробови и сериозна инфекција на очите кај новороденчето.
7. ИНФЕРТИЛИТЕТ/ СТЕРИЛИТЕТ
Инфекција со Chlamydia trachomatis (со или без симптоми), ако не биде навремено откриена и третирана, може да предизвика оштетување на каналите (тубите) – обструкција т.е. непроодност на истите. Последица од оваа состојба е зголемен ризик од вонматерична бременост и неможност за спонтано забременување.
Како да се спречат последиците од инфекција со Chlamydia trachomatis?
РЕДОВЕН СКРИНИНГ (земање брис за Chlamydia trachomatis) и НАВРЕМЕНА ТЕРАПИЈА!
Инфекција со Chlamydia trachomatis која не е навремено детектирана и соодветно лечена, дава за последица инфертилитет и стерилитет!!!
Како се третира инфекција со Chlamydia trachomatis?
Инфекцијата се третира со антибиотици (орално, преку уста). Прв избор на антибиотици се: summamed (azitromycin) и vibramycin (doxycycline). Во текот на лечењето се препорачува сексуална абстиненција. Антибиотици секогаш треба да земаат двајцата партнери. Терапијата е задолжителна. Инфекција со Chlamydia trachomatis не може да биде излечена од самото тело. Лечењето е успешно во 96-98% на случаи во првиот циклус. По завршување на терапијата задолжително се зема контролен брис за Chlamydia trachomatis.