Синдромот на полицистични јајници е најчесто ендокринолошко пореметување кај жени во репродуктивниот период. Може да биде причина за инфертилитет и стерилитет.
Кои се најчести симптоми?
- Влакнатост присутна во различни степени
Симптом поради кој пациентките најчесто бараат помош. Овој симптом е последица на покачени вредности на андрогени хормони (машки полови хормони- хиперандрогенизам). Но, нивото на андрогени хормони во крвта не секогаш корелира со степеност на зголемена влакнатост кај пациентките. Ниту, поизразената влакнатост секогаш е симптом на ПЦО синдром. Степенот на присутноста на овој симптом е различна и индивидуална. Некои пациентки го немаат, кај други е застапен во блага форма додека кај некои е застапен во изразен степен. Зголемената влакнатост кај овие пациентки е присутна во т.н. андроген сензитивни регии, таму каде влакнатоста природно постои кај мажите (надусници, образи, брада, регијата околу брадавиците на градите, средната линија на стомакот и под папокот како и горната третина на бутините спрема внатрешната страна). Вообичаено се воочува пред или во периодот околу првиот менструален циклус.
- Пореметувања во менструалниот циклус
Поретки циклуси (oligomenorrhea) е присутна во 75% на случаи или потполно изостанување на менструалниот циклус (amenorrhea). Пореметувањата често се присутни и вообичаено се јавуваат набрзо после првиот менструален циклус (menarha). Во 8-26% на случаи, пациентките со ПЦО синдром имаат редовни циклуси, со или без присутна овулација (ослободување на јајна клетка и можна бременост).
Во помал или поголем степен, присутна е зголемена телесна тежина кај околу 50% од пациентките. Се јавува пред првиот менструален циклус. Ирегуларноста во менструалните циклуси се тесно поврзани со зголемената телесна тежина. Смалувањето на истата најчесто резултира со нормализирање на менструалниот циклус.
- Потешкотии со забременување (инфертилитет и стерилитет)
Се јавува како последица на ПЦО синдром во околу 71% на случаји. Причинината е хронично изостанување на овулацијата или намален број на овулаторни циклуси. Но, една четвртина на жени со ПЦО синдром спонтано забременуваат без било каква лекарска помош.
- Масна кожа и појава на акни
- Проретчена коса во пределот на темето на главата
Горенаведените симптоми може и не мора да бидат присутни кај секоја жена и истите се манифестираат многу индивидуално!
Од друга страна, нередовни циклуси, поизразена влакнатост и неплодност можат да бидат присутни и кај жени кај кои не постои ПЦО синдром!
Како изгледа хормоналниот профил кај пациентки со ПЦО синдром?
- покачени вредности на LH (лутеинизирачки хормон)
- нормални или намалени вредности на FSH (фоликулостимулирачки хормон)
- однос LH/FSH поголем од 1,5
- нормални или покачени вредности на Testosterone хормон
- нормални или зголемени вредности на Androstendione (главен машки полов хормон на јајниците)
- нормални или зголемени вредности на DHEA-S
- Намалени вредности на SHBG (sex hormone binding globulin)
- Зголемена вредност на Insulin (пред или во тек на оптеретување со шеќер)
- Зголемени вредности на PRL (пролактин), ретко застапен симптом, слабо изразен
Сите овие отстапки од нормалниот хормонален статус (најповеќе покачениот однос LH/FSH), доведуваат до:
- Застој во растот и созревањето на фоликулите
- Зголемено создавање на машки полови хормони
- Изостанување на овулацијата
- Неплодност
Како се поставува дијагноза на ПЦО синдром?
Ултразвучен преглед (вагинален или абдоминален). Јајниците на ултразвук кај пациентки со ПЦО синдром се најчесто зголемени, со видливи и во голем број фоликули/цисти со големина од 4-6 мм. Најчесто се наоѓаат периферно по ивицата на јајникот (под капсулата) и централно. Ултразвукот е моќна дијагностичка алатка и со негова помош како и дополнителни дијагостички параметри, дијагнозата лесно се потврдува.
Дополнителни иследувања кои помагаат во потврдување на дијагнозата:
1. хормонски анализи 2,3-ти ден од менструален циклус: FSH, LH, SHGB, Testosteronе, Androstendionе, DHA-S, PRL, TSH i fT4, PRL
2. витамин Д од крв
Вредностите на вит. Д можат да бидат намалени кај пациентки со ПЦО синдром. Студиите покажуваат дека нормализирање на вредности на овој витамин може да резултира со намалување на инсулинската резистенција и стимулација на лачење на AMH (антимулеров хормон) кој е показател на резервата на јајниците односно бројноста на јајните клетки.
3. Инсулинемија
Инсулинска резистенција ИР, е присутна во основата на ендокринолошкото пореметување на ПЦО синдром. Инсулин е хормон кој се лачи во панкресот како рекација на зголемено ниво на шеќер во крвта (глукоза). Во случај на постоење на ПЦО синдром зголеменото ниво на инсулин го стимулира растот и размножувањето на клетките во јајникот, поточно, оние кои се наоѓаат околу јајните клетки. Последователно доаѓа до зголемена продукција на машки (тестостерон) и женски (естроген) полни хормони.
“Здрави јајници создаваат помали количини на машки полни хормони (андрогени) но истите ги претвараат во женски полни хормони (естрогени). Во случај на постоење на ПЦО синдром и инсулинска резистенција, зголемената продукција на андрогени хормони го надминува капацитетот на јаниците и појава на вишок на андрогени. Како последица на овој вишок се појавуваат и симптомите: акни, зголемена влакнатост, масна кожа и коса, нередовни циклуси, пореметена овулација”