ХПВ спаѓа во група на сексуално преносливи инфекции/ заболувања (STI-sexually transmitted infection/ STD-sexually transmitted disease). Се смета за најчеста инфекција пренесена по сексуален пат (орален, вагинален или анален сексуален однос). Терминот ХПВ означува група (фамилија) на вируси многу слични еден на друг. Постојат многу различни типови на ХПВ. Некои од нив можат да предизвикаат здравствени проблеми/заболувања – генитални брадавици (нискоризични типови на ХПВ) и карцином (високоризични типови на ХПВ), на различни локации во организмот (цервикс, вулва, вагина, пенис, анус и грло), зависно од местото на контакт со особа која е веќе инфицирана/ заразена со ХПВ. Вирусот може да биде пренесен на новороденчето во тек на спонтано породување и да предизвика генитална и респираторна инфекција кај бебето.
Како се пренесува ХПВ?
Инфекција со ХПВ се пренесува по пат на контакт кожа со кожа. Најголем број од луѓето, инфекцијата ја добиваат по директен сексуален пат (вагинален, анален или орален сексуален однос). Но, со оглед на фактот дека ХПВ е инфекција која се пренесува по пат на контакт кожа со кожа:
Инфекција со ХПВ може да биде пренесена и без активен сексуален однос!!!
Кои фактори го зголемуваат ризикот од ХПВ инфекција?
- број на сексуални партнери
- намален, ослабнат имунитет
- сексуален партнер кој има ХПВ
- незаштитен сексуален однос
- присуство на други сексуално преносливи инфекции (Chlamydia trachomatis, Herpes simplex, Gonorrhea, HIV)
- пушење
Типови на ХПВ:
Постојат повеќе од 100 типови на ХПВ. Се делат во две групи: високо ризични (high-risk HPV) и ниско ризични (low-risk HPV). 60 од нив се ниско ризични и не предизвикуваат карцином (многу ретко). Останатите 40 типови се високо ризични но не сите предизвикуваат сериозни здравствени заболувања.
Најчести високо ризични ХПВ типови се: 31, 33, 45, 52, 58, 16 и 18.
70% од цервикален карцином се предизвикани од типовите 16 и 18!
Ниско ризичните ХПВ типови како 6 и 11 предизвикуваат генитални брадавици во 90% на случаи. Се појавуваат во вид на неправилни испакнувања во или над ниво на кожа, во различна големина, со боја на кожа или розеникави. Може да бидат поединечни или во група и да наликуваат на карфиол. Се шират со различна брзина и индивидуално. Се појавуваат на различни места кај припадници од двата пола: вулва, цервикс, анус, бутови, скротум и пенис.
Може да станат видливи по неколку недели или месеци од заразувањето со ХПВ. Знаат да бидат болни и непријатни но нивното лечење е релативно брзо и успешно, а понекогаш се повлекуваат и без терапија.
Високо ризичните ХПВ типови можат да бидат причина за карцином, на различни локации кај двата сексуални партнери: вулва, вагина, цервикс, анус, внатрешен бутен предел, скротум, пенис и грло.
Одредени високоризични ХПВ типови можат да ги променат здравите клетки на цервиксот и да предизвикаат т.н. цервикална дисплазија (CIN – cervical intraepithelial neoplasia). Ако оваа преканцерозна состојба не биде навремено третирана, истата може да прогредира во цервикален карцином, преку неколку фази на развој и прогресија…
Преканцерозните состојби ако останат нетретирани, можат лесно да прогредираат во цервикален карцином!!! (особи од секоја возрасна група можат да бидат засегнати)
Кои се симптоми на ХПВ инфекција
Најчесто инфекција со ХПВ не дава симптоми (т.н. асимптоматска инфекција). Инфекцијата може да биде и транзиторна – да влезе во телото, да се задржи одреден период без да предизвика било какви промени и да го напушти организмот.
Отсутност на симптоми е типично за инфекција со високо ризични типови, причинители на цервикален карцином.
Карцином предизвикан од ХПВ, често ги дава првите симптоми во покасните фази од својот развој и прогтесија!!!
Жената може да открие дека е инфицирана со ХПВ (со присутни абнормалности во цервикалниот епител од различен степен) – на гинеколошки преглед, со ПАП тест или биопсија.
Редовните контроли се исклучително важни – единствен начин за рана детекција на ХПВ вирус и евентуалните промени кои би можел да ги предизвика вирусот!!!
Најголем ризик за појава и развој на цервикален карцином предизвикан од ХПВ – отсутен или нерегуларен скрининг:
- ПАП тест
- ХПВ типизација
- Биопсија
Што е ПАП тест?
ПАП тест е цитолошко испитување со кое се земаат клетки од површината на цервиксот (надворешно и внатрешно). Земениот материјал се размачкува на стакленце, се фиксира во течност и се ипраќа на цитолошка анализа во хистолошка лабараторија. Од страна на искусен патолог истото се анализира под микроскоп. Патологот врши анализа дали има показатели за постоење на ХПВ и дали постојат клеточни абнормалности кои можат понатаму да водат кон цервикален карцином. Зависно од добиениот резултат, се постапува по точно утврдени светски протоколи за водење и третман на овие состојби.
Што е ХПВ типизација?
Постапка со која се зема клеточен материјал од цервикалниот канал и се испраќа на ДНК анализа. Добиениот резултат покажува дали има присутво на ХПВ во организмот и кој тип на ХПВ е присутен, ниско или високо ризичен тип. Повторно, зависно од добиениот резултат и наодот на ПАП тестот, се пристапува кон дополнителни иследувања (колпоскопија и биопсија) и соодветно следење или третман.
Што е биопсија?
Со помош на специјален апарат наменет за оваа проблематика (колпоскоп), се визуелизира цервиксот со помош на камера. Во случај на постоење на сомнителни промени на површината на цервиксот, од истите се зема парче ткиво со специјална штипалка. Материјалот се испраќа во хистолошка лабараторија и се анализира под микроскоп од страна на искусен патолог. Постапката е кратка и минимално болна. Зависно од резултатот, се постапува соодветно.
Превенција на инфекции со ХПВ:
- Користење на кондом
- ХПВ вакцини
Вакцини за превенција на инфекции со ХПВ се достапни подолг временски период (од 2006 година). Се сметаат за генерално безбедни без покачен ризик од сериозни нус ефекти. Заштитуваат од одредени типови на високоризични типови на ХПВ кои се причинители на цервикален карцином. Достапните вакцини можат да спречат инфекција од два, четири или девет типови на високоризични ХПВ. Сите заштитуваат од инфекција со двата најважни високоризични типа: ХПВ 16 и 18 – најчести причинители на цервикален карцином. Вакцините се примаат во две или три дози зависно од возраста на пациентката и нејзиниот имунитет. Возраст на која се препорачува примање на вакцини е помеѓу 9 и 11 години. Заштита од вакцината е најмалку 5 до 10 години. Кај веќе инфицирани особи со одреден тип на ХПВ, вакцините немаат никаков ефект (за тој тип). Вакцините се ефективни кај женската популација до возраст од 45 години. Сепак, овие вакцини се контраиндицирани кај одредена група на луѓе.
ХПВ вакцините заштитуваат од одредени високоризични типови на вирусот, но не сите. Се смета дека можат да превенираат 70% од цервикален карцином. Останатите 30%, нема да бидат превенирани со ХПВ вакцинација.
Редовниот скриниг (ПАП тест и ХПВ типизација), останува единствен начин за навремено откривање на инфекција со високоризичен ХПВ и превенција на појава на цервикален карцином!!!
Дали постои лек за ХПВ?
Не постои, какои за секој друг вирус. Но постои лек за промените кои ги предизвикува ХПВ-то особено ако се откријат во рана преканцерозна фаза.
Дали може да се отстрани ХПВ-то од организмот?
Зависно од типот на ХПВ присутен во организмот, истиот може да остане во телото со години. Во голем број на случаи, телото произведува антитела против вирусот кои го отстрануваат во период од една до две години. Затоа, се случува вирусот да престојува извесен период во телото и да го напушти без ваше знаење. ХПВ не секогаш дава симптоми.
Единствен начин да знаете дали имате ХПВ, дали предизвикал одредени промени и до кој степен (стадиум) е РЕДОВЕН СКРИНИНГ – ПАП тест и ХПВ типизација!!!
ХПВ типизација дефинитивно потврдува дали имате ХПВ и кој тип – нискоризичен или високоризичен.