Хистероскопијата е оперативна метода која се извршува во дијагностички и терапевтски цели. Целта е инспекција на внатрешноста на матката со помош на иструмент наречен хистероскоп кој, преку цервиксот, се внесува во внатрешноста на матката. Најдобро е интервенцијата да се направи во период кога ендометриумот (внатрешниот слој на матката) е најтенок, односно веднаш по завшување на менструалниот циклус. Се прави во локална или општа анестезија.
Како се изведува интервенцијата?
Интервенцијата започнува со дилатација (ширење) на цервикалниот канал. За таа цел се користат т.н. дилататори. Следува пласирање на хистероскопот во кој е вградена камера, а целата постапка се следи на екран. Внатрешноста на матката е виртуелна шуплина и нејзините ѕидови лежат еден на друг. За да стане внатешноста на матката видлива, таа се исполнува со течност или со гас. Најчесто се употребува течност која, освен дистензија (ширење), овозможува и прочистување на крвта и остатоци од ендометриумот. Со тоа се добива јасна слика на внатрешноста на матката, што е клучно за успехот на интервенцијата. Во текот на целата постапка многу е важна контролата на внесената и излезената течност со цел да се спречи преголем внес и интоксикација на пациентката.
Ако се најде каква било промена која отстапува од нормален наод, дијагностичкиот хистероскоп се заменува со оперативен, по дополнителна дилатација на цервикалниот канал. Целата оперативна процедура се следи на екран до самиот крај на истата.
Кога се изведува хистероскопијата?
- Преграда (септум) на матката. Се отстранува во еден или повеќе наврати, зависно од неговата големина
- Полип на матка или цервикс
- Субмукозен миом (миом кој проминира во внатрешноста на матката)
- Ендометријална аблација – отстранување на ендометриумот до одредена длабочина кон ѕидот на матката
- Отстранување на спирала (врасната во ѕидот на матката)
- Адхезиолиза – раскинување на интраутерини адхезии (прирастоци) најчесто последица на Ашерман синдром (Asherman syndom)
- Абнормални крвавења од матката
- Визуелизација на утеротубарната спојка