Се јавува само во бременост и е привремен. Во оваа состојба трудницата има покачени вредности на шеќер во крвта. Бременоста се смета за високоризична, и како таква треба да се следи од искусен акушер и од искусен ендокринолог. Со правилно водење и со соодветна терапија завршува со раѓање на здраво дете и истата како состојба се повлекува кај мајката (многу ретко може да се развие во дијабетес тип 2).
Ако оваа состојба остане непрепознаена и нетретирана, може да ви наштети вам и на вашето бебе!
Кои се причините?
Во текот на бременоста постелката излачува хормони кои можат да ги покачат вредностите на гликемијата (шеќер во крвта). Вообичаено, панкреасот, од друга страна, создава доволно инсулин и ги одржува нормалните вредности на гликемијата. Во спротивно, тие вредности ќе се покачат над нормалните и ќе предизвикаат гестациски дијабетес, кој во основа е метаболно нарушување.
Кои се ризик фаkтори за појава на гестациски дијабетес?
Покачена телесна тежина пред бременост, покачени вредности на шеќер во крвта, но не доволни за дијагноза дијабетес, дијабетес во семејството, висок крвен притисок, претходно дете со голема родилна тежина (над 4 кг), претходна бременост која завршила со интраутерина смрт на плодот или со раѓање на дете со одредени аномалии, зголемена околуплодова вода на ултразвук, голем плод во сегашната бременост, претходни спонтани абортуси или неуспешни бремености, позитивен шеќер во урината, чести габични инфекции, пациентки со ПЦО синдром.
Кои се симптомите?
Нагласена жед, зголемен апетит, зачестено мокрење, шеќер во урината, вртоглавица, гадење, зачестени габични и уринарни инфекции, заматен вид.
Пациентки со гестациски дијабетес може да немаат видливи симптоми. Затоа од големо значење е навремен скрининг кај секоја пациентка!
Кога се прави скрининг?
Гестацискиот дијабетес најчесто се јавува во втората половина на бременоста. По протокол скринигот се прави помеѓу 24. и 28. г.н. а во случај на постоење на некој од ризик факторите и порано. Истиот треба да се направи кај секоја бремена жена. Раната детекција и соодвениот третман се исклучително важни.
Како се прави скринигот?
Ако гликемијата кај бремената жена е еднаква или поголема од 7нмол/ли.т во два наврата, дијагнозата за гестациски дијабетес е потврдена. Дополнителни иследувања не се потребни.
Скринингот се изведува со оптоварување со одредена количина внесен шеќер преку уста и последователно мерење на гликемијата кај мајката на одредено временско растојание. Зависно од добиените вредности, дијагнозата се потврдува или се отфрла. Тестот секогаш се прави наутро, после гладување од најмалку 8-10 часа. Претходниот ден се препорачува нормална физичка активност (не прекумерна).
Внимателното следење на мајката и на плодот продолжува до породувањето, и покрај добиениот негативен резултат. Ова посебно се однесува на трудници кај кои постои еден или повеќе ризик фактори!
Дали е скрининг тестот штетен за вас и за вашето бебе?
Иако земањето течност со гликоза може да биде непријатно, како и времетраењето на тестот, бидете трпеливи. Гестацискиот дијабетес е состојба која мора да биде навремено откриена и соодветно третирана.
Ако се постави навремено дијагноза на гестациски дијабетес – со редовни контроли, правилна исхрана, физичка активност и со соодветна терапија, бременоста завршува со здрава мајка и здраво бебе.