Што е нормална матка?
Матка (uterus) е орган кој има форма на крушка и се наоѓа во женската карлица. Долга е околу 7,5 см широка 5 см. и длабока 2,5-3 см. Долната третина на матката продолжува надолу во вагината и се нарекува грло (cervix uteri). Горниот дел се нарекува фундус (fundus uteri) и тоа е местото каде што се вгнездува оплодената јајце клетка (embrion) и продолжува да расте во бебе (fetus). Средниот дел е најголем и се нарекува тело на матката (corpus uteri). Од двете страни на матката продолжуваат каналите т.н. фалопиеви туби секоја поврзана со по еден јајник (ovarium) полн со јајце – клетки.
Матката со предната страна лежи на горниот дел од мочниот меур (бешика). За матка во оваа позиција велиме дека е во антефлексија или антеверзија (anteflexio/anteversio uteri). Кај некои жени матката е наколнета во обратен правец, накај дебелото црево. За матка во оваа позиција велиме дека е во ретрофлексија или ретроверија (retroflexio/retroversio uteri). Застапена е кај околу 40% од женската популација.Оваа состојба не се смета за абнормална. Нема влијание врз можноста за забременување ниту врз способноста на сперматозоидите да навлезат во внатрешноста на матката, преку фалопиевите туби да стигнат до јајце-клетка и да ја оплодат. Термините се однесуваат на можни позиции на матката во однос на мочниот меур.
Што е абнормална матка?
Извесен процент на жени имаат матка која се разликува од нормалната во својата структура (не позиција). Тешко е да се одреди застапеноста во општата популација, од причина што ваквата состојба останува неоткриена кај одреден процент жени. Кај жени кои бараат помош поради тешкотии со забременување, состојбата е застапена кај 1 од 13 пациентки. Во случаи каде има историја на рани или доцни повторувачки спонтани абортуси или предвремено породување процентот е повисок – 1 од 3 пациентки.
Дали можам да забременам ако имам абнормална матка?
Зависно од видот на аномалијата. Генерално, утерините аномалии не мора да влијаат врз способноста за забременување. Кога ќе дојде до бременост, најчесто на ултразвук видливо е постоењето на аномалијата. Таа состојба, сепак, може да биде причина за ран или доцен спонтан абортус или за предвремено породување.
Кои аномалии на матката постојат?
- Агенезија (agenesio uteri) – состојба која е многу ретка. Во вакви случаи, вагината е формирана неправилно или е со могу мала должина, а матката е многу мала или не постои. Состојбата се открива кога очекуваниот прв менструален циклус ќе изостане. Единствена можност жена со агенезија на матка да има свое потомство е сурогат мајка. Јајниците имаат нормална градба и функција.
- Утерус диделфус (uterus didelphus) – состојба во која матката има два кавума (внатрешност). Секој кавум продолжува во свој цервик и своја вагина. Секој е поврзан со по една фалопиева туба и еден јајник. Не е честа појава. Бременост во оваа состојба е можна и истата може да биде доносена до термин. Сепак, оваа состојба може да биде причина за предвремено породување, малпрезентација на плодот (неправилна позиција на плодот во матката поради намален простор), за спонтан ран и доцен абортус, застој во растот на плодот и за постпартално крвавење. Бременоста најчесто се завршува по оперативен пат со царски рез ( во околу 82% од случаите).
- Утерус уникорнис (uterus unicornis) – состојба во која постои агенезија (не постои) едниот рог на матката, нејзината големина е половина од нормалната и постои една фалопиева туба. Матката има форма на банана. Рудиментираниот рог може да има мал кавум со функционален ендометриум (во 60% на случаите). Се работи за ретка аномалија и се јавува во рана возраст, при која ткивото кое ја гради матката не се развива правилно. Најчесто се присутни двата јајника (овариуми), но само едниот е поврзан со фалопиевата туба. Ако тубата е здрава, не постои пречка за забременување. Но поради големината на матката, ризикот од спонтан абортус и предвремено породување на плодот е зголемен (намален простор во внатрешноста на матката).
- Утерус бикорнис (uterus bicornis) – состојба при која горниот дел на матката (фундус) е вдлабнат и матката има облик на срце. Можноста за забременување не е значително намалена, но ризикот од спонтан абортус и предвремено породување е зголемен (намален внатрешен простор на матката).
- Утерус септус (uterus septus) – состојба при која внатрешноста на матката е поделена со мускулен или фиброиден ѕид, наречен септум. Истиот може да се протега до одредена должина во матката (парцијално септиран утерус) или да се протега до самиот цервикс (комплетно септиран утерус). Можноста за забременување е намалена, а ако дојде до бременост, ризикот од спонтан абортус и предвремено породување е зголемен.
- Аркуатен утерус (uterus arcuatus) – состојба при која матката во горниот дел (фундус) е лесно вдлабната. Состојба која често е застапена. Не прави проблем за забременување ниту во бременоста.
Како се откриваат аномалиите на матката?
- Ултразвук со 3Д или 4Д сонда
- ХСГ (HSG)- хистеросалпингографија
- ХСЦ (HSC)- хистероскопија.